Моќта на сопствената нега

Денес се чини како постојано да сме во брзање, обидувајќи се да бидеме најдобрата верзија од себе. Понекогаш можеме да имаме нереалистични очекувања за себе, што често резултира со големо исцрпување. Можеби не изгледа важно, но одвојувањето време за себе е клучот за постигнување рамнотежа во животот. Запомни дека убавината и силата започнуваат од тебе! Следуваат пет совети за нега со кои ќе се ставиш себеси на прво место.

1. Вежбај „присутност“

Пробај малку да се оддалечиш од своите мисли со едноставната вежба за „присутност“. Одвој неколку минути во денот за да направиш пауза и да се поврзеш со својата околина. Што слушаш? Што мирисаш? Фокусот на средината може да овозможи бегство од дневните грижи и момент што ќе ти ја зголеми енергијата.

2. Следи релаксирачка утринска рутина

Многумина од нас лежат на креветот до последната секунда и си оставаат премалку време да се подготват за денот. Станувањето порано за јадење вкусен појадок или за следење смирувачка рутина за нега на кожа, ти овозможува малку време за тебе и за твоите потреби. Откриј повеќе за придобивките на рутината за нега на кожа тука.

3. Пиј доволно вода

Една од наједноставните и најделотворни работи што можеш да ги направиш за своето здравје и добросостојба е да пиеш многу вода, особено наутро, кога шансите за дехидрација се поголеми. Пиењето вода исто така изненадувачки помага и попладне, кога се чувствуваш сонливо!

4. Започни ново хоби 

Понекогаш знаеме да се преоптовариме мислејќи на работите што треба да ги направиме, па ги забораваме работите што сакаме да ги направиме. Дали има нешто што сакаш да го правиш, но не си го направил долго време? Или, пак, нешто ново што сакаш да го пробаш? Избери ден, означи го на календар и уживај!

5. Понекогаш кажи не

Една од најтешките работи е да му се каже не на пријател или на колега, особено кога те канат на нешто забавно! Сепак, кога си изморен и би сакал да си одиш дома, да читаш книга или да уживаш во релаксирачка бања, најдобро е да ги следиш инстинктите. Не кажувај да само поради тоа што се чувствуваш обврзано, треба да се грижиш за себе пред да можеш да се грижиш за некој друг!