Што е лична нега?
Според мене, личната нега значи да се биде целосно свесен за менталното здравје и активно да се работи на негово одржување. Личната нега значи да се сакаш самиот себе и всушност да бидеш малку себичен, но на најдобар начин.
Првпат ја дознав важноста на личната нега и личниот развој кога имав околу 15 години и имав проблеми на училиште. Оттогаш личната нега е голем дел од мојот живот. Раните години од мојот живот беа полни со ризични ситуации, но денес тие се под контрола. Постојано работам на сопствената лична нега, свесност во сѐ што правам и преземање одговорност за моите постапки. Исто така, обучувам други луѓе да ја најдат својата лична рамнотежа.
Зошто времето одвоено за себе е корисно?
Во денешното општество нашите мозоци работат повеќе од потребното за да одржат чекор со семејниот живот, кариери и постојаниот тек на информации. Целосното исклучување (од тие стимуланси) ни овозможува да го свртиме вниманието кон себе.
Сум била на многу различни кампови за јога, но и на кампови и курсеви за личен развој. Тие ми помогнаа и поради тоа сакам да ги споделам со други луѓе. Сепак, сакам да нагласам дека овие кампови не се за вежбање јога во колиба крај егзотична плажа. Ако сакаш да вежбаш јога, помисли на планетата и најди час по јога во твојата близина. Јогата е само алатка, поврзаноста со себе е клучот.
Не мора да одиш на камп за да се ослободиш од стресот во животот. Доволно е да одвоиш еден час и да го поминеш на тивко место со добра книга или да прошеташ низ блиската шума. Дури и 10 минути пиење кафе можат да ти помогнат да се опуштиш.
Кој треба да одвои време за себе?
Сите! Апсолутно сите. Времето одвоено за себе е за спознавање самиот себе и преземање одговорност за својот живот и здравје. Откако ќе создадеш рамнотежа и ќе се сакаш себеси, ќе можеш да го споделуваш ова и со другите. Затоа, малата себичност, на најдобар начин, може да придонесе да бидеш подобра сопруга, мајка, бизнис-жена или друго.