1.КОРИСТИШ ПОГРЕШНА НИЈАНСА
Нагласувачите не се направени за секој тен. Користи светкав нагласувач што ќе се изедначи со твојот тен, наместо нијанса што драстично се разликува од него. Ако имаш среден или темен тен, избери нијанси на праска, злато или бронза. Дали имаш светол тен? Тогаш избери проѕирни нијанси и нијанси на слонова коска.
2. ПОГРЕШНО ГО НАНЕСУВАШ
Дали користиш кремаст нагласувач? Тогаш, не користи алатки (четка, сунѓерче), бидејќи крајниот резултат може да изгледа неизедначено. Наместо алатки, протри го нагласувачот меѓу прстите за да го згрееш и потоа нежно нанеси го на местата на лицето што сакаш да ги нагласиш.
Дали користиш течен нагласувач врз камена пудра? Немој! Ова може да ѝ даде неизедначен изглед на пудрата. Наместо тоа, замени го нагласувачот со нагласувач во прав или, пак, замени ја камената пудра со течна пудра.
Уште една честа грешка при нанесувањето е нестрпливоста. Кога користиш течен нагласувач врз течна пудра, треба да почекаш и двете да се исушат, а потоа да нанесеш проѕирна камена пудра.
3. НАНЕСУВАШ НА ПОГРЕШНИ МЕСТА
Нагласувачот може да му даде поширок изглед на лицето, ако не ги нагласиш соодветните делови. Тој се наменува за нагласување на јаболчиците, врвот на усните и носот. Ако нанесеш нагласувач на целото лице, тој нема да има никаков ефект. Исто така, нанесување нагласувач пониско од потребното може да ти даде уморен изглед.
4. НАНЕСУВАШ ПРЕМНОГУ
Премногу светкав нагласувач во прав ќе направи да изгледаш кич, наместо да ти даде нежен сјај. Затоа, запомни дека нагласувачот треба да ја одрази светлината и да ти даде свеж изглед.
Колку нагласувач треба да нанесеш зависи и од природната светлина. Во средина со нежна или пригушена светлина може да нанесеш повеќе, додека на сончева светлина доволно е да нанесеш малку. Доколку си изложена и на двете, тогаш најдобро е да нанесеш малку нагласувач, за да избегнеш остар изглед!