ДОДАЈ ЗЕЛЕНЧУК ВО ПОЈАДОКОТ
Јајцата, јогуртот и кроасаните се вкусен појадок, но не те снабдуваат со многу влакна. Изрендај малку зеленчук, како морков во овесна каша, за да го зголемиш твојот внес на витамини и влакна и да одржиш балансирана дигестија. Дали имаш слушнато за овесна каша со вкус на торта од моркови? (Да, постои!) Ако немаш слушнато, тогаш многу пропушташ! Побарај рецепт за да направиш рајски појадок.
СМУДИ ВО ЧИНИЈА
Смуди во чинија е оброк што постојано се појавува на сечиј инстаграм-профил во последните неколку години, но сè уште не ни здосадил! Убав и вкусен, кој ни овозможува на суперлесен начин да внесеме многу зеленчук. Пробај да споиш зеленчук со вкус од средна јачина, како карфиол, сладок компир, спанаќ или кељ, или со слатко овошје, како манго, банана или бобинки.
СЛАТКИ ИЛИ СОЛЕНИ МАФИНИ
Внеси малку креативност во печењето! Зошто да не пробаш вкусни мафини со чоколадо и со цвекло? Цвеклото е суперздраво и им дава прекрасна розеникава боја на мафините, а кога ќе се помеша со чоколадото, станува совршено здрава ужинка. Ако не сакаш благо, пробај солени мафини со зеленчук. Измешај тиквички, спанаќ или домати со малку фета-сирење, босилек или маслинки, за мафини на медитерански начин, богати со хранливи состојки.
ЗАМОТАНО ВО ЗЕЛЕНЧУК
Супередноставен начин да ги направиш твоите оброци поздрави е да го замениш лебот со листови од зелка или марула. На пример, такосот, лепчињата за сендвич или тортилјите лесно може да се заменат со здрав зеленчук. Со сите сосови и одлични додатоци, нема да можеш да ја забележиш разликата и ќе се чувствуваш многу полесно отколку ако јадеш оброк со високо количество глутен.
ТЕСТЕНИНИ ОД ТИКВИЧКИ
Тестенините од тиквички се уште еден одличен начин целосно да се заситиш, со малку калории. Не велиме дека треба да заборавиш на шпагетите карбонара (тестенините секогаш ќе имаат свое место во нашите срца!), но тестенините од тиквички содржат големо количество витамини, кои карбонарата никогаш нема да ги има. Користи посебен секач на зеленчук, за да направиш тестенини од тиквички, кои ќе ги зготвиш како болоњезе, пад-таи, дури и салата.