Што е циркадијален ритам?
Дали понекогаш толку многу ти се спие навечер што ти се затвораат очите, а други вечери не можеш да заспиеш иако се чувствуваш премногу уморно? Спиењето зависи од циркадијалниот ритам, односно од 24-часовниот биолошки часовник што ги регулира нашето заспивање и будење. Ритамот влијае на сѐ, од лачењето хормоните и навиките во исхраната до регулирањето на температурата на телото и регулирањето на метаболизмот. Кога не можеме да заспиеме иако сме уморни, можно е нешто да го има нарушено нашиот циркадијален ритам и лачењето на хормонот мелатонин, кој прави да се чувствуваме уморно.
Што може да го наруши циркадијалниот ритам?
Долгото користење на телефонот секоја вечер или гледањето серии сѐ додека не заспиеме е голем проблем! Нашите тела се интелигентни организми, создадени по 24-часовен циклус што го следи сонцето. Во минатото луѓето немале вештачки светилки и си легнувале кога се стемнувало, а станувале кога се разденувало. Сега, кога имаме вештачки светилки, како ламби и екрани што се вклучени до доцна во ноќта, на нашите тела им е тешко да знаат кога е време за одмор, бидејќи нема темнина, која помага за лачењето на мелатонинот.
Како влијае ритамот врз нашето здравје?
Изложувањето на вештачко светло навечер и непостојаното време на легнување и на станување се поврзуваат со хронични заболувања, како прекумерна тежина и кардиоваскуларни болести, раздразливост, анксиозност и намалена способност за учење и за паметење.
Исто така, познато е дека луѓето во земјите во кои има многу малку светлина за време на зимските месеци имаат повисоко ниво на депресија. За среќа, многу од овие болести може да се спречат, бидејќи се поврзани со животниот стил.
Што можеш да направиш?
- Легнувај си во исто време секоја ноќ. Ова ќе создаде рутина (нашите тела ги сакаат рутините!) и ќе му помогне на телото да знае кога е време за спиење.
- Престани да користиш дигитални уреди неколку часа пред да си легнеш. Ако користиш технологија по стемнување, можеш да инсталираш филтер за блокирање сина светлина на екранот или да носиш очила што блокираат сина светлина, бидејќи сината светлина го спречува лачењето на мелатонинот.
- Излези надвор прекуден за да се синхронизира телото со сонцето.
- Последниот совет е тежок за повеќето луѓе, но е одличен, а тој е гледање на изгрејсонцето и на зајдисонцето. Освен што се магично убави и смирувачки за гледање, исто така помагаат за ресетирање на биолошкиот часовник.